Општи услови за патување
01. Општи одредби
Овие општи услови се прилог кон Договорот за патување и се негов составен дел. Со склучувањето на пријавата-договорот за патување помеѓу МАЈТРИП ДООЕЛ Битола (во понатамошниот текст: Агенцијата) и патникот-купувач на патувањето/аранжманот, патникот потврдува дека нему и на сите лица-корисници на аранжманот (во понатамошниот текст „Патникот") му се врачени овие Општи услови на патување (во понатамошниот текст: „Општите услови") и дека е запознаен со програмата на патување (во понатамошниот текст: „Програмата"). При пријавувањето и склучување на Договорот, Патникот изјавува: „Изјавувам дека сум запознат со Програмата и со Општите услови на патување, и дека во целост ги прифаќам!"
02. Содржина на аранжманот
Агенцијата гарантира реализација на аранжманот според описот во Програмата. Содржината на аранжманот ќе се оствари на опишаниот начин, освен во случај на влијание на „виша сила" (војна, терористички акции, штрајк, елементарни непогоди, епидемии, сообраќајни и технички проблеми во превозот и слично) или во случај на пречки надвор од контрола на Агенцијата.
03. Пријава – Договор и уплата
Пријавата – Договорот се прави во писмена форма, до пополнување на капацитетот. При пријавувањето, Патникот уплаќа аванс во висина од 30% од вредноста на цената на целиот аранжман, освен ако не е поинаку договорено. Остатокот се плаќа најдоцна до 15 дена пред реализацијата на аранжманот. Доколку Патникот до тој рок не изврши доплата, Агенцијата ќе смета дека Патникот се откажува и ќе ги наплати трошоците за отказ согласно Член 07.
04. Цена на аранжманот
Цените за сите патувања/аранжмани се објавени во Денари или во Евра со обврска Патникот да врши плаќање во денарска противвредност. Агенцијата го задржува правото на промена на цената по склучување на Договорот во случај на промена на хотелски, превозни и други услуги, или во случај на промена на девизните курсеви. За зголемување до 10% не е потребна согласност од Патникот. За зголемување повеќе од 10%, Патникот има право да го раскине договорот без обврска за надомест.
05. Категоризација и опис на услугите
Понудените хотели и апартмани се опишани според официјалната категоризација во времето на објавување на Програмата. Агенцијата не презема одговорност доколку квалитетот и стандардите на услугите не соодветствуваат со официјалната категоризација, бидејќи истите се различни по дестинации.
06. Право на организаторот за измени и отказ на аранжманот
По склучување на Договорот, Агенцијата има право да ја измени Програмата во случај на виша сила или вонредни околности. Во случај кога нема можност за сместување во резервираниот објект поради „over booking", Агенцијата ќе го смести Патникот во објект од иста или повисока категорија без дополнителен надомест. Агенцијата има право да го откаже аранжманот при недоволен број пријавени патници, со известување најмалку 5 дена пред почетокот и со поврат на уплатените средства во целост.
07. Право на патникот за откажување на патувањето
Патникот има право во секој момент да се откаже од патувањето во писмена форма. Отказните трошоци (доколку со Програмата не е поинаку одредено) се пресметуваат по следна скала:
- а) За пакет аранжмани — согласно наведените услови во програмата. За одредени програми не постои можност за откажување поради издадени билети кои не можат да се откажат.
- б) За резервации за хотели — откажувањето мора да биде во согласност со наведените отказни периоди на понудата.
- в) Резервациите со попуст (Early booking, Last minute и сл.) се без право на отказ — 100% отказни пенали.
- г) Доколку нема посебно наведени отказни периоди и нема попуст, важи следнава скала:
- за отказ од 60 до 45 дена пред патувањето — 5%
- за отказ од 44 до 30 дена пред патувањето — 10%
- за отказ од 29 до 20 дена пред патувањето — 20%
- за отказ од 19 до 15 дена пред патувањето — 40%
- за отказ од 14 до 10 дена пред патувањето — 80%
- за отказ од 9 до 6 дена пред патувањето — 90%
- за отказ од 5 до 0 дена или во текот на патувањето — 100%
Промената на договореното место, датумот, средството за превоз или сместувачкиот капацитет се смета за откажување. Доколку Патникот го менува терминот на поаѓање на истиот аранжман најмалку 15 дена пред денот на поаѓање, Агенцијата ќе изврши промена и ќе наплати само манипулативни трошоци во износ од 10 €.
08. Обврски и права на организаторот на патувањето
Агенцијата е обврзана да се грижи за реализацијата на услугите со внимание на добар организатор и да се грижи за интересите на патниците согласно професионалните принципи во туризмот. Агенцијата не одговара за штетата настаната поради грешки во работењето на сообраќајните претпријатија, угостителските субјекти или туристичките водичи. Агенцијата исклучува секаква одговорност во случај на промени предизвикани од виша сила или доцнење на превозните средства.
09. Обврски на патникот
Патникот е обврзан:
- Детално да се запознае со Општите услови и по писмен пат да ги истакне посебните барања.
- Да ја плати договорената цена под условите предвидени во Договорот.
- Да надомести штета која ќе ја направи кон непосредните даватели на услуги.
- Да се информира за безбедносната состојба во земјите на патување на страната на МНР.
- Да достави навремено точни и комплетни документи потребни за патувањето.
- Да се придржува кон куќниот ред во угостителските и хотелските објекти.
- Да поседува важечки пасош и да се информира за потребата од виза.
- Да се информира за девизните и царинските прописи.
- Да ги чува сите свои документи, парични средства и личен багаж.
- На лице место, веднаш и без одлагање, да го соопшти оправданиот приговор во писмена форма.
- Да се информира за точното време на поаѓање и враќање, најдоцна 24 часа пред поаѓање.
10.1 Авионски превоз
Превозот со авион е регулиран со меѓународните правила кои важат за авионскиот сообраќај. Патникот е должен да ја провери резервацијата за лет најдоцна 72 часа пред полетувањето и да се информира за местото за чекирање час и половина пред полетувањето. Во случај на промена на времето на полетување, задоцнување или откажување на летот, Организаторот не сноси никаква одговорност.
10.2 Автобуски превоз
Превозот со автобус се извршува со стандардни туристички автобуси. Не постои однапред дефиниран распоред на седишта — местата се доделуваат последователно според датумот на пријавување.
11. Багаж
Кај автобускиот превоз, дозволен е багаж од една патна торба (до 20 кг) по патник и една рачна торба. За секој килограм над дозволеното, превозникот има право да наплати дополнителен трошок. Патникот лично одговара за сопствениот багаж. Агенцијата не сноси одговорност за уништен или изгубен багаж.
12. Здравствени прописи и заштита
Патникот е должен да се информира кај надлежната здравствена институција и да ги почитува здравствените прописи за патување. Во случај на болест во текот на аранжманот, трошоците за лечење ги плаќа Патникот. Агенцијата препорачува полиса за патничко осигурување.
13. Сместување во соби и апартмани
Вообичаено сместување во собите е во 14:00 часот, а напуштањето е до 10:00 часот. Доколку Патникот нема договорено соба со посебни карактеристики, ќе прифати било која официјално регистрирана соба во договорениот објект.
14. Индивидуална програма за патување и поединечни услуги
За индивидуални патувања и „резервации на барање", Патникот уплаќа депозит во износ не помал од 50 евра. Доколку резервацијата биде прифатена, депозитот се пресметува во цената. Доколку Патникот не ја прифати потврдената резервација, депозитот го задржува посредникот.
15. Заштита на лични податоци на патникот
Личните податоци на Патникот, кои тој доброволно ги дава, се деловна тајна на Организаторот. Патникот се согласува дека Агенцијата може да ги користи личните податоци за реализација на договорената Програма за патување.
16. Решавање на приговори
Патникот е должен веднаш да ја рекламира услугата кај претставникот на Агенцијата. Писмен приговор мора да се достави во рок од 8 дена по завршувањето на аранжманот. Агенцијата е должна да одговори на приговорот во рок од 14 дена. Евентуалниот надомест може да достигне сума најмногу до износот на рекламираниот дел од услугите.
17. Надлежност на судот
Доколку Патникот не е задоволен со одговорот на Агенцијата или Агенцијата не одговори во пропишаните рокови, Патникот има право да заведе судска постапка пред Основниот граѓански суд во Битола.